Научниците од Институтот за технологија во Масачусетс во американскиот град Кембриџ развиваат термичка маска што на 90 степени ќе убива патогени на коронавирусот и ќе биде многу поудобна за носење од оние кои ги гледаме денеска, пренесува Daily Mail.
Наместо да филтрира сè што излегува од човечката уста, маската ќе ја убива короната при издишување, бидејќи ќе достигнува температура од 90 степени, на која Ковид-19 не може да преживее.
За да се избегнат изгореници како резултат на загревањето до 90 степени, маската ќе биде заштитена со неопрен, синтетичка гума.
Неопренот има добра хемиска стабилност и одржува флексибилност на широк опсег на температури.
Ако ги помине тестовите, маската ќе работи на батерија од девет волти и ќе биде поскапа од памучните, хируршките или маските N95, додаваат истражувачите.
Сепак, термичката маска ќе биде идеална во ситуации кога ризикот од инфекција е зголемен, како што се посети на здравствени установи или патување во јавниот превоз и нема да мора да се стерилизира по употребата, пренесува Daily Mail.
Истражувачите веќе започнаа да прават прототип од маската, кој ќе мине и физички тестови.
„За разлика од сите маски што го филтрираат вирусот, оваа маска дозволува вирусот да излезе преку неа, но исто така го забавува и го убива“, вели Мајкл Страно, хемиски инженер.
Маската ќе може да се носи без ограничувања, а батеријата од девет волти треба да овозможи нејзина функција во времетраење од неколку часа.