SpaceX во сабота ќе испрати тројца астронаути на НАСА и еден јапонски астронаут, на Меѓународната вселенска станица.

НАСА службено го одобри леталото Crew Dragon за превоз на астронаути, оценувајќи го за безбедно. SpaceX ќе ја лансира ракетата Falcon 9, која во вселената ќе полета со Crew Dragon, како дел од мисијата Crew-1.

„Многу сум горд што можам да кажам дека продолжуваме со редовните вселенски летови со екипаж, кои се лансираат од американска територија, со американска ракета и вселенски брод“, изјави Џим Брајдстајн од НАСА.

Ракетата ќе полета во сабота од вселенскиот центар Кенеди на Флорида. Станува збор за астронаутите Мајкл Хопкинс, Виктор Гловер, Шенон Вокер и Соичи Ногучи.

Мисијата првично беше закажана за 31 октомври, но беше одложена поради проблеми со Falcon 9. На Станицата би требало да пристигнат по осум и пол часа, односно во недела во 10:20 часот.