Роверот на NASA, Perseverance за првпат се движеше по површината на Марс. Како што може да се види на објавените фотографии од NASA, роботот со тежина од еден тон мина кратко растојание и се сврте во круг.
Планот на американската агенција е Perseverance во период од две години да мине растојание од 15 километри.
Клучната цел на мисијата на Perseverance на Марс е астробиолошко истражување што вклучува потрага по знаци на древен живот на микроби. Роверот ќе ја анализира геологијата на планетите и климата во минатото и ќе го отвори патот за истражувањата на Црвената планета од страна на човекот и ќе биде првата мисија за собирање и складирање примероци од карпи и реголит на Марс.
Perseverance атерира во неистражена област на планетата – кратерот Језеро, именуван по едно село во БиХ. Некои долини што водат до овој кратер се именувани по реките Сава, Неретва, Плива и Уна.
A quick test of my steering, and things are looking good as I get ready to roll. My team and I are keen to get moving. One step at a time. pic.twitter.com/XSYfT158AQ
— NASA’s Perseverance Mars Rover (@NASAPersevere) March 5, 2021
Креатерот Језеро е едно од најдобрите места за барање древен живот бидејќи пред околу 3,9 милијарди години веројатно бил исполнет со вода. Претходните анализи покажаа дека наслагите во кратерот се богати со минерали што се формираат во присуство на вода, што, пак, значи дека таму некогаш можеби постоел живот. Фосилите вообичаено се наоѓаат во слични седименти на Земјата.
Следните мисии, што во моментов ги разгледува NASA, во соработка со Европската вселенска агенција (ЕСА), треба да испратат вселенско летало на Марс за да ги вратат собраните примероци на Perseverance на Земјата за натамошна детална анализа.