Роверот Curiosity на NASA сними фасцинантен „камен цвет“ на површината на Марс кон крајот на февруари.

Иако изгледа како цвет или органска креација, експертите велат дека всушност се работи за минерална формација која потекнува од древното минато на Марс.

Роверот се сретнал со такви структури и порано – дијагенетски кристални групи. Геофизичарката Абигејл Фримен, која работи на проектот Curiosity, напиша на Twitter дека претходно пронајдените формации се составени од сулфати, пишува Universe Today.

Curiosity уште во 2013 година на Марс пронашол структура која личи на цвет, а роверот Spirit пронашол карпи со сличен изглед, кои поради нерамните испакнатини го добиле името „карфиол“.

„Роверот ја фотографираше оваа формација на 24 февруари 2022 година. ‘Цветот’ и сферичните камени предмети што се гледаат на десната страна се формирани во древното минато на Марс кога минералите што ги носела водата влијаеле на обликот на карпите“, објаснува NASA.