Еден граѓанин со оштетен вид го врати видот со помош на вештачка рожница, а станува збор за 78-годишен пациент, кој бил слеп во последните неколку години. Овој потфат го овозможи компанијата CorNeat, а ова е првиот имплант што овозможува замена на оштетената рожница без потреба од човечки донатори. Веднаш по операцијата, пациентот можеше да ги препознае членовите на семејството и да ги прочита броевите напишани на картичката што се наоѓаше на неколку метри од него.

Рожницата е проѕирен, кружен преден дел од окото, кој служи како заштита, а може да се оштети поради механички повреди или болести. Вештачките рожници постоеле и порано, но поради комплексноста на операцијата, обично биле последниот избор на докторите. CorNeat имплантот бара прилично едноставна процедура, со минимален број на засеци, па се очекува докторите брзо да ја усвојат.

Десет пациенти во Израел ги чекаат своите импланти, бидејќи добија зелено светло за операции. Тестирањето треба да почне и во Канада, како и во Франција, САД и Холандија. Имплантантот не содржи електронски елементи, а креаторите истакнуваат дека може да помогне повеќе од роботско око.