„Делта сојот на коронавирусот е позаразен и поопасен од останатите и поради тоа важно е да се вакцинираат што поголем број од граѓаните со двете дози од вакцината“, вели Марија Зариќ, докторка од Србија која работи на „Џенер институтот за развој на иновативни вакцини“ на Оксфорд.

Зариќ истакна дека во Велика Британија забележан е зголемен број на заразени со коронавирусот, но дека тоа не влијаело на бројот на хоспитализирани луѓе.

Шефот на СЗО, Ханс Клуг, предупреди дека „новиот бран во европскиот регион ќе биде тука доколку граѓаните не бидат дисциплинирани“, а на тоа укажува брзината на ширење на делта сојот на Ковид-19, но и зголемениот број на патувања и укинување на рестриктивните мерки.

„Делта сојот има повеќекратна мутација која очигледно е дека му дава предност во однос на останатите соеви. Една од мутациите му помага многу побрзо и полесно да се врзе за клетките, така што придонесува во полесно заразување и ширење на инфекцијата, поради што вирусот полесно преминува од клетка на клетка.

Овие мутации го прават овој сој многу позаразен и поопасен од било кој друг сој кој досега се појави во светот. Се проценува дека делта сојот е 60 отсто попренослив во однос на алфа сојот, односно британскиот сој на коронавирусот кој и самиот е попренослив од првобитниот сој кој се појави во Кина“, наведе Зариќ.

Според нејзините зборови, токму пoради тоа научниците веруваат дека сојот е доминантен на глобално ниво.

„Тој со себе носи опасност од избивање на големи бранови на заразата, особено меѓу невакцинираните жители“, предупреди Зариќ и додаде дека истражувањата покажале дека комплетната вакцинација е ефикасна иако истата е помала во однос на претходните соеви.

„Таа ефикасност се намали од 87 отсто на 81 отсто, што не е голем пад. Проблемот е што со една доза примена вакцина заштитени сте само 33 отсто од симптоматичка инфекција предизвикана од делта сојот“, истакнала таа.

Поради тоа, нагласува докторката, многу е важно да ги примите и двете дози од вакцината против Ковид-19.

На прашањето кои вакцини се подобри за употреба против овој сој, докторката одговара:

„Не сум сигурна за сите вакцини, истражувањето кое беше правено тука беше за вакцините кои се даваат во Велика Британија, а тоа се АстраЗенека и Фајзер, така што не сум сигурна за другите вакцини“.

Извор: Blic.rs