Астрономи од Универзитетот Стенфорд и од други земји за првпат успеаја да погледнат зад црна дупка и така докажаа дека Алберт Ајнштајн бил во право за тоа како се однесуваат овие мистериозни вселенски појави.

Меѓународниот тим истражувачи со рендгенски телескопи проучувал супермасивна црна дупка оддалечена 800 милиони светлосни години.

Истражувачите ги забележале вообичаените обележја на црна дупка, но и светлина (во облик на икс-зраци), која се емитува од подалечната, задна страна на црната дупка.

Црните дупки се раѓаат кога огромна ѕвезда ќе експлодира во супернова, а потоа се урива сама од себе. Ова создава густа материја која „голта“ сѐ во нејзината близина, па вообичаено е невозможно да се види светлина од задниот дел на црната дупка.

Теоријата за релативност на Ајнштајн уште 1915 година предвиде дека гравитациското привлекување на црните дупки веројатно е толку големо што тие го искривуваат самиот изглед на Вселената, „извиткувајќи“ ги и магнетните полиња и светлината.

Како резултат на тоа, тезата на Ајнштајн тврди дека можеби е можно да се видат светлосни бранови исфрлени од задната страна на црната дупка, поради искривените магнетни полиња што делуваат како огледало.

Научниците ја прифатија теоријата, но досега не беа во можност директно да го набљудуваат феноменот. Сега, благодарение на современите телескопи и развојот на високотехнолошки инструменти, се чини, тоа е можно.

Ден Вилкинс, астрофизичар од Стенфорд, го проучувал начинот како црната дупка ги распарчува атомите и електроните, како и икс-зраците што таа потоа ги произведува. По прегледот на податоците, проф. Вилкинс го видел она што го очекувал – икс-зраци упатени директно кон Земјата од јадрото на црната дупка, но и неочекувани реакции набргу потоа.

– Пред 50 години, кога астрофизичарите почнаа да шпекулираат за тоа како магнетното поле може да се однесува близу црна дупка, тие не знаеја дека еден ден ќе имаме и техника да го набљудуваме ова директно и да ја видиме општата теорија на релативноста на Ајнштајн на дело, рече проф. Роџер Бленфорд, еден од авторите на истражувањето.

Ова се, како што рече тој – икс-зраци исфрлени во спротивна насока од Земјата, но се рефлектираат од магнетното поле на црната дупка.

Откритието, објавено во Nature, според научниците, уште еднаш докажува дека Ајнштајн бил во право, и ја поддржува Општата теорија за релативноста.