Студија која ја спровеле истражувачи од Универзитетот во Јужна Калифорнија открива дека симптомите на Ковид-19 често започнуваат по одреден редослед.

Некои симптоми на коронавирусот, како што се кашлица и треска, се слични на симптомите на некои други болести како што се грип и настинка, па резултатите од оваа студија можат да помогнат во разликување на коронавирусот од другите болести.

„Ова е особено важно да се знае во време кога грипот и коронавирусот се преклопуваат. Лекарите можат да одредат кои чекори треба да се преземат за грижата на пациентите и можат да спречат влошување на состојбата“, вели д-р Питер Кун, еден од авторите на студијата и професор по медицина.

За да го предвидат редоследот на симптомите, истражувачите ги анализирале стапките на присутност на симптомите собрани од Светската здравствена организација (СЗО) од над 55.000 пациенти заболени од Ковид-19. Покрај тоа, тие собирале податоци и за лицата кои имале грип.

Редоследот на симптомите е важен

„Редоследот на симптомите е важен. Ако знаеме дека секоја болест напредува различно, тоа им овозможува на лекарите побрзо да утврдат дали станува збор за Ковид-19 или за некоја друга болест“, вели Џозеф Ларсен, водечки автор на студијата.

Според истражувањето, симптомите на коронавирусот се појавуваат по овој редoслед:

– висока телесна температура
– кашлица и болки во мускулите
– мачнини или повраќање
– дијареа

„Студијата открива дека кај пациентите кои имале грип, почесто се јавувала кашлицата пред високата телесна температура. Во реалноста, тоа е можеби тешко да се распознае бидејќи грипот често започнува нагло со 3 симптоми, вклучувајќи болки во грбот, треска и сува кашлица“, вели д-р Роберт Глатер, доктор во болницата „Lenox Hill“ во Њујорк.

Глатер вели дека наодите можат да бидат корисни „при проценка на повеќе пациенти во зафатено клиничко опкружување“. Според студијата, грипот започнува со кашлица, а кај Ковид-19 температурата е првиот симптом, пренесува „Healthline“. Истражувачите наведуваат дека нивната студија исто така потврдува дека на луѓето треба да им се измери температурата кога влегуваат во некои објекти.

Треба да се напомене дека покрај овие наведени, низа други симптоми се поврзани со коронавирусот, како што се губењето на сетилото за вкус и мирис, но температурата, кашлицата, болките во мускулите, гадењето и дијарејата често се појавуваат како први знаци.