Заразата со коронавирусот повеќе може да предизвика ретки кардиоваскуларни компликации, како што се воспаление на срцето и неправилна работа на срцето, отколку вакцините, покажа британска студија откако научниците ги анализираа податоците од речиси 38 милиони луѓе вакцинирани против Ковид-19.
Студијата, објавена во списанието „Нејчр медисин“, ги спореди ризиците од миокардитис, перикардитис и срцева аритмија по првата и втората доза од вакцината на „Астра зенека/Оксфорд“, „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“ со оние кај болните од Ковид-19.
Студијата, предводена од научници од Универзитетот во Оксфорд, покажа зголемен ризик од миокардитис по првите дози вакцина на „Астра зенека“ и „Фајзер“ и двете дози на „Модерна“, но ризикот бил многу поголем кај болните од Ковид-19.
Заклучоците се донесени со процена на стапката на хоспитализација или смртност во рок од 28 дена од вакцинацијата или позитивен ПЦР-тест за лица над 16 години и вакцинирани меѓу 1 декември 2020 и 24 август 2021 година.
„Проценивме меѓу 1 и 10 дополнителни случаи на миокардитис на милион луѓе вакцинирани со првата или втората доза, но 40 дополнителни случаи на милион луѓе болни од Ковид-19“, рече професорката Џулија Хиписли-Кокс, која ја водеше студијата на „Оксфорд“.
Анализата поврзана со возраста исто така покажа дека поголем ризик од миокардитис поврзан со мРНА-вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“ е присутен само кај помладите од 40 години, велат истражувачите.
„Оваа опсервација за проблеми со срцето не е нова информација. Тоа веќе го знаеме. Но, оваа солидна, научно цврста работа, го поддржува и потврдува тоа“, рече доктор Питер Инглиш, пензиониран консултант за контрола на заразните болести.