Непознат е уделот на ботови и профили за спамирање, а Твитер вели дека е помалку од пет проценти.
Илон Маск на почетокот на април го потресе светот на социјалните мрежи со најавата за купување на Твитер за дури 45 милијарди долари. Многу се пишуваше за промените кои доаѓаат на Твитер со Маск, некои тврдеа дека ќе почнат да дуваат нови ветришта во форма на поголема слобода на говор и помала цензура, додека некои се плашеа од ширење на говор на омраза.
Но, сите тие теории паднаа во вода кога Маск ја повлече својата понуда. Како причина тој го наведе големиот број лажни профили или ботови присутни на таа мрежа. Специфичниот број на ботови и профили за спам не е познат, а Твитер вели дека тоа е помалку од пет проценти од дневните корисници.
Твитер со години има проблеми со ботови и лажни профили, за што сега зборуваше и поранешниот извршен директор на Дизни, Боб Ајгер. Неговата компанија планираше да го преземе Твитер уште во 2016 година, но очигледно купувањето никогаш не се случи.
При скенирањето на компанијата и нејзиното работење, Ајгер дошол до истиот заклучок, односно наишол на истиот проблем како Маск. Лажни профили. Во интервју за медиумите, тој рече дека Дизни открил дека „значителен дел“ од профилите на Твитер се лажни. Тој нагласи дека не се работи за мнозинство корисници, туку се работи за значителна бројка, што ја намалило вредноста на потенцијалната аквизиција.
Исто така, како една од причините што го одвратиле од понатамошното размислување за преземање на Твитер била природата на дискурсот што преовладуваше на таа мрежа, кој вклучува различни непријатни објави и коментари, а гледаме дека и денес не е во потполност решен проблемот со говорот на омраза.
Што се однесува до Маск, тој официјално се откажа од Твитер (можеби да отвори своја социјална мрежа), но приказната со социјалната мрежа се уште не е завршена, па продолжувањето ќе го добие на суд.