Вселенскиот телескоп James Webb (JWST), чие лансирање беше одложувано многупати, треба да биде лансиран на 24 декември, потврдија вчера NASA и Arianespace.

„Потврдено е дека целниот датум за лансирање на вселенскиот телескоп James Webb е 24 декември во 9.20 часот од базата Куру (12 часот и 20 минути по Гринич)“, твитна Arianespace.

Вселенскиот телескоп James Webb (JWST), именуван по поранешниот директор на американската вселенска агенција NASA, е наследник на легендарниот Hubble.

Европската вселенска агенција (ESA) и нејзиниот канадски колега (CSA) соработуваа со НАСА во развојот на James Webb. Неговата конечна цена, која е тројно зголемена од оригиналната поради бројни проблеми, изнесува речиси 10 милијарди долари.

James Webb е произведен во САД, а годинава беше транспортиран до лансирањето во Француска Гвајана.

Ракетата Ariane 5 би требало да го однесе телескопот во вселената, а се проценува дека ќе биде потребен еден месец пред да стигне до својата дестинација.

Крајната цел на телескопот е да открие дали Земјата е единствената или има слични планети каде би можело да се појави и опстои живот.

Неговата орбита околу Сонцето ќе биде на 1,5 милиони километри од Земјата.

Проектот започна во 1989 година и првично беше планирано телескопот да започне со работа на почетокот на векот.