Резултатите од прелиминарната анализа на третата фаза од студијата спроведена од Универзитетот Оксфорд за вакцината AZD1222 покажаа дека вакцината е безбедна и ефикасна во спречувањето на симптоматската болест Ковид-19 и дека штити од потешки форми и хоспитализација. Овие резултати беа прегледани и објавени во списанието „Лансет“.

Досега објавените податоци за безбедноста на вакцините се однесуваат на повеќе од 20 000 учесници во четири клинички студии во Велика Британија (COV001 и COV002), Бразил (COV003) и Јужна Африка (COV005). Објавувањето во „Лансет“ потврди дека вакцината AZD1222 е добро толерирана и дека не се потврдени сериозни несакани ефекти поврзани со вакцината. Учесниците беа од различни расни и географски групи кои беа здрави или имаа стабилно здравје.

„Ние денес ги објавивме прелиминарните резултати од третата фаза на тестирање и покажавме дека новата вакцина има многу добри резултати на безбедност и ефикасност против коронавирусот. Им должиме голема благодарност на нашите волонтери кои работеа со нас во текот на овие осум месеци за да ги донесеме овие заклучоци”, рече професорот Ендрју Полард, главен истражувач на оксфордскиот тим за испитување вакцини во Оксфорд.