Бен Осборн, директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, изјавил дека веројатно ќе ни требаат засилувачки дози вакцина против Ковид-19 во наредните години, но сè уште не е познато дали тие ќе се администрираат на секои шест месеци или еднаш годишно.
Кога станува збор за омикрон-варијантата на коронавирусот, Озборн вели дека сè уште чекаме разни нови податоци за новиот сој на вирусот, и тоа не само од „Фајзер“ и „Бионтек“ туку и од владите и здравствените системи во светот.
„Мислам дека веќе имаме основни информации за вирусот, а знаењето за мутациите е многу добро документирано“, рече тој.
„Сè уште ни требаат сознанија за три фактори: прво, нивото на пренос на новата варијанта и дали ќе го измести делта-сојот, второ, треба да го знаеме влијанието на омикрон врз хоспитализациите и потенцијалната смрт при тешка болест и, трето, многу е важно да се знае колку е ефективна вакцината за оваа варијанта“.
„Во неделите што следуваат ќе имаме повеќе податоци за сите три фактори, што ќе резултира со одлуки што ќе ги донесе „Фајзер“, но и владите во светот“, рече Озборн.
„Можам да кажам дека сме подготвени. Доколку ни треба нова вакцина, можеме да ја развиеме и произведеме во големи количини. Но, во меѓувреме најважно е сите возрасни да добијат бустер-доза за да го постигнат тоа основно ниво на имунитет“.
Запрашан колку долго на луѓето ќе им требаат дополнителни (засилувачи) дози, тој рече дека е „многу тешко да се предвиди на долг рок, со оглед на тоа што никој не може со сигурност да предвиди како ќе се развие вирусот во иднина“.
„Според досегашните научни сознанија, веројатно ќе ни треба одредено ниво на вакцинација на возрасната популација во наредните години. За жал, не знаеме дали тоа ќе биде вакцинација на секои шест месеци или секоја година, како што правиме во случајот со вакцинацијата против разни видови грип“, рече Озборн.