Еден од првите луѓе во Велика Британија на кои им е вграден мозочен чип од Neuralink, Себастијан Гомез-Пења, изјави дека „се чувствува неверојатно“ и верува дека уредот би можел да ги трансформира животите на луѓето со тешка парализа, објавија британските медиуми.
„Огромна промена е во вашиот живот кога одеднаш не можете да поместите ниту еден од вашите екстремитети“, изјави за „Скај њуз“ Гомез-Пења, волонтер во првото британско испитување на уредот развиен од компанијата на Маск Neuralink.
Гомез-Пења додаде дека технологијата некако дава нов зрак надеж.
Тој штотуку го завршил првиот семестар на медицинскиот факултет кога несреќа го оставила парализиран од вратот надолу.
Себастијан е еден од седумте лица на кои им е вграден чипот како дел од испитувањето во Велика Британија дизајнирано да ја процени безбедноста и сигурноста на уредот.
Чипот Neuralink, кој е поврзан со 1.024 електроди имплантирани во неговиот мозок, бил вметнат за време на петчасовна операција во Универзитетската болница во Лондон (UCLH).
Иако во операцијата беа вклучени британски хирурзи и инженери од Neuralink, самиот уред беше имплантиран со помош на роботот R1 на Neuralink, развиен за вметнување микроскопски електроди во кревко мозочно ткиво.
Електродите беа вметнати околу 4 милиметри под површината на мозокот на Себастијан, во регионот што ги контролира движењата на рацете.
Нервните сигнали се пренесуваат преку нишки кои се околу 10 пати потенки од човечка коса до чипот, кој е поставен во кружна дупка во неговиот череп.
Податоците од чипот се испраќаат безжично до компјутер каде што софтверот за вештачка интелигенција „учи“ да ги толкува електричните сигнали на неговиот мозок.
Кога Себастијан „помислува“ да ја движи раката или да го допре прстот, тоа се појавува на неговиот екран како движење на курсорот или „клик“ на глувчето, ефикасно враќајќи ја контролата врз раката што беше изгубена во несреќата.
Првиот таков уред беше имплантиран кај американски волонтер пред две години, а сега го имаат 21 лице во САД, Канада, Велика Британија и Обединетите Арапски Емирати.
Сите тие имаат тешка парализа, предизвикана или од повреда на ‘рбетниот мозок, мозочен удар или невродегенеративни состојби како што е АЛС, потсети британскиот телевизиски канал.





