Сè почести се предупредувањата дека употребата на вештачка интелигенција (AI) за создавање реални, но лажни голи слики на вистински жени станува нормална појава.

Овој проблем станува се поголема загриженост во училиштата, каде неодамнешното истражување покажа дека 13 отсто од тинејџерите имале искуство со овие лажни слики, пишува „Скај њуз“.

Инфлуенсерката Кали Џејн Бич (на насловната фотографија) изјави за „Скај њуз“ дека била шокирана кога открила дека некој користел вештачка интелигенција за да ја трансформира нејзината слика во долна облека и создал нејзина лажна гола слика, која потоа била споделена на Интернет.

Кога го пријавила случајот во полиција, имала проблем да ги убеди дека се работи за кривично дело, бидејќи сајтот со сликата не е од британска територија.

Неодамна, помошник-шефот на Националниот полициски совет, Саманта Милер, изјави дека „системот не функционира“, поради недостаток на капацитет и пракса кај различните полициски сили.

Иако создавањето лажни слики на малолетници е нелегално, законот за забрана на голи слики генерирани од вештачка интелигенција ќе биде донесен следната година. Во меѓувреме, апликациите за „отстранување облека“ од сликите добиваат популарност, а проблемот со лажните слики продолжува да расте.

Универзитетската професорка Клер МекГлин предупредува дека користењето на ваквите апликации станало „нормално“ кај младите, а бројот на прегледи на сајтови на кои се достапни такви слики е и до 14 милиони прегледи месечно.