Американската компанија за онлајн-трговија на мало Amazon ќе им исплати еднократни празнични бонуси до 300 долари за вработените што пакуваат и испорачуваат пратки по соочувањето со синдикални критики за укинувањето на дополнителниот надоместок за работа во ризични околности поради пандемијата на Ковид-19.

Компанијата соопшти дека на вработените со полно работно време ќе им исплати бонуси до 300 долари, а на хонорарците по 150 долари, доколку работат во тој гигант за е-трговија во текот на целиот декември, пренесува агенцијата „Блумберг“.

Amazon во четвртокот соопшти дека со овој чекор ќе потроши повеќе од 500 милиони американски долари на еднократни бонуси за своите вработени во САД, кои работат во првите редови за време на сезоната на празници, а среде пандемијата на Ковид-19.