Компанијата Google сè почесто влегува во контроверзи поради начинот на деловното работење. Во најновиот заплет, откриено е дека Android телефоните секој месец разменуваат околу 260 MB мобилни податоци без знаење на корисникот.

Како што тврдат обвинителите во Сан Хозе, Google ги користи лиценците за мобилни податоци за пренесување кориснички податоци на нивните сервери преку услугите на компанијата.

До ова откритие дошле така што оставиле Android телефон со исклучена Wi-Fi опција, но со вклучени мобилни податоци. Секој ден, телефонот имал проток од 8,88 MB податоци, а околу 95% од таа размена на податоци се одвивала од серверите на Google. Приближно, околу 390 пати на ден, биле разменувани податоци.

Она што телефонот им го испраќал на Google серверите се параметрите за употреба на Wi-Fi мрежата, потоа податоците за отворените апликации и другите параметри важни за работата на Android. Исто така, обвинителите наведуваат и дека сето тоа можело да почека додека не се вклучи Wi-Fi, но Google избрал да го прави тоа преку мобилните податоци.

Уште се тврди и дека Google вака собира податоци за корисниците без нивно знаење, за да може да им испраќа релевантни реклами.

Веројатно не мораме ни да споменуваме што значи ова за корисниците на Android мобилните телефони – ако некој користи мобилни податоци без ваше знаење, тоа е дефинитивно голем проблем. Порталот The Register, кој ја објави оваа вест за тужбата, побара коментар од Google, но не го доби.