Надградбите на двата најголеми оперативни системи за телефони ќе бидат достапни бесплатно почнувајќи од оваа есен. Еве преглед на најважните промени што тие ги носат.

Apple неодамна го претстави iOS 16, ново издание на својот оперативен систем за iPhone. Google го претстави изданието Android 13 минатиот месец.

Двете надградби ќе бидат достапни бесплатно од есента оваа година, а ние ќе наведеме некои од најважните функции кои доаѓаат со новиот софтвер.

Нов изглед и функции при заклучен екран на iPhone

Отсега ќе можете да ја менувате не само сликата на позадината (wallpaper), туку и да користите различни фонтови и бои за прикажување на часовникот. Исто така, ќе можете да додавате виџети на заклучениот екран.

Подобрен Google Wallet

Новото издание на Андроид носи редизајнирана апликација за дигитални плаќања, која ќе биде достапна од заклучениот екран. Google, исто така, планира да ја прошири поддршката за да вклучи не само дигитални банкарски картички, туку и билети за превоз, сертификати за вакцинација и билети за кино.

Зајакнување за СМС апликации

Со Android 13, Google ја вгради технологијата Rich Communication Services во својата апликација за примање и испраќање СМС, што му овозможува да испраќа слики со висока резолуција и големи датотеки. Ќе може да се креираат и групни разговори.

Apple овозможи уредување и враќање на СМС-и во апликацијата iMessage откако пораките веќе се испратени.

Зголемена безбедност на корисникот

Apple воведе повисока стапка на контрола врз податоците за локацијата што трајно ги споделуваме со другите. Новата функција Safety Check ќе ви овозможи брзо да го проверите и оневозможите пристапот до таквите податоци за да спречите можна злоупотреба.

Google, од друга страна, ќе обезбеди поголема контрола врз податоците што ги споделуваме со апликации од трети страни.

Исто така, ќе можеме да им дадеме на другите пристап само до одредени фотографии наместо цели галерии, пишува Њујорк Тајмс.