Google воведува нова безбедносна функција во Android 16 која ја детектира можноста некој да ви го прислушкува телефонот.

Google објави големо безбедносно ажурирање за Android 16. Оперативниот систем ќе може да открие кога вашиот телефон е поврзан на лажна базна станица, што би можело да укаже на обид за прислушување или следење на вашата локација.

Оваа функција е особено важна бидејќи таканаречените „stingray“ уреди, кои имитираат мобилни кули, можат да го измамат вашиот телефон да се поврзе со небезбедна мрежа – дозволувајќи им на потенцијалните напаѓачи да пристапат до вашите повици, пораки и други податоци.

Во поставките на вашиот телефон ќе се појави нова опција наречена „Mobile network security“, каде што корисниците ќе можат да ги вклучат мрежните известувања. Кога оваа функција е овозможена, Андроид ќе ве предупреди ако вашиот телефон се префрли на необезбедена мрежа или ако мрежата бара чувствителни податоци како што се IMEI или IMSI броеви.

Исто така, ќе има опција за оневозможување на 2G врските, кои се најранливи на вакви напади.

Иако оваа функција доаѓа со Android 16, таа нема да биде достапна на сите уреди. Ќе биде ограничена на телефони што доаѓаат со најновиот хардвер што поддржува Radio HAL 3.0. Ова значи дека повеќето постоечки уреди, дури и со Android 16, нема да можат да ја користат оваа опција.

Google нагласува дека функцијата ќе биде исклучена по инсталацијата, а корисниците ќе мора сами да ја активираат во поставките.

Се очекува функцијата прво да биде достапна на Google Pixel телефоните, додека другите производители мора да ја имплементираат според нивните софтверски планови.