Две клучни карактеристики, кои не беа вклучени во официјалната презентација на WWDC, Apple планира да ги објави подоцна во текот на годината.

Apple сè уште крие две важни функции во iOS 26, кои не беа прикажани за време на воведната презентација на овогодишната конференција WWDC, иако се очекува да бидат достапни за корисниците до крајот на годината.

Според информациите објавени од Bloomberg, Apple одлучил сè уште да не ги открива сите нови функции за да избегне објавување на функции кои сè уште не се технички подготвени за употреба.

Превод во реално време преку AirPods
Првата функција им овозможува на корисниците на AirPods слушалките да слушаат превод во живо на некој што зборува на друг јазик. Технологијата го користи системот „Live Translation” кој е дел од пакетот Apple Intelligence во iOS 26, но сега преводот се испраќа директно до слушалките – без да мора да се гледа екранот. Функцијата е насочена конкретно кон корисници кои патуваат или работат во меѓународно опкружување.

Автоматско споделување на Wi-Fi помеѓу Apple уреди
Друга иновација се однесува на јавните Wi-Fi мрежи, особено оние што бараат рачно најавување преку таканаречен „captive port“ (како на пример во хотели, кафулиња и аеродроми). Новиот систем складира податоци на еден уред, а потоа автоматски ги синхронизира со другите уреди на корисникот преку iCloud, со што се избегнува потребата од повторно внесување податоци на секој уред.

Иако овие функции беа подготвени за демонстрација, Apple одлучи да ги задржи за подоцнежни ажурирања. Според аналитичарот Марк Гурман, функциите би можеле да станат достапни оваа есен – најверојатно во iOS 26.1 (октомври) или 26.2 (декември), во зависност од темпото на развој и тестирање.

За потсетување, Apple веќе најави голем број нови функции на WWDC 2025: нов дизајн на интерфејсот Liquid Glass, подобрени заклучени екрани, подлабока интеграција на вештачката интелигенција во пораките, фотографиите и повиците, како и подобрувања во приватноста и безбедноста.

iOS 26 моментално е достапен во бета верзија за програмери, додека јавната бета верзија се очекува во јули. Се очекува финалната верзија да биде лансирана со новите модели на iPhone во септември.