Apple на вечерашниот „Hi, Speed“ онлајн настан ја претстави долгоочекуваната нова генерација на iPhone, а се работи за новодизајнираните модели Phone 12 mini, iPhone 12, iPhone 12 Pro и iPhone 12 Pro Max кои ја поддржуваат 5G мрежата.

„Секоја деценија се случуваат нови промени и денеска е почеток на новата ера за iPhone уредите. Ова е уште една голема година за iPhone, кој сега доаѓа со поддршка за 5G мрежи, што е голем момент за нас“, истакна Тим Кук во пресрет на претставувањето на новите iPhone модели.

Со двојно побрзите можности за преземање и upload, и исклучително ниската латенција, новите смартфони на Apple ги одликуваат одлични спецификации. Како што се шпекулираше изминатите месеци, американскиот техно гигант ги редизајнираше своите популарни мобилни уреди, што сега имаат квадратест изглед со рамни рабови, по примерот на iPad Pro.

Новиот iPhone 12 е потенок, помал, полесен и има помали рамки околу дисплејот во однос на iPhone 11. Како што истакнуваат од Apple, iPhone 12 е поцврст од било кој стаклен паметен телефон, бидејќи има ќерамички штит и има четири пати помали шанси да се скрши доколку падне.

Дизајнот на телефонот го карактеризира алуминиумска рамка со рамни рабови во црна, бела, црвена, зелена и сина боја. iPhone 12 користи 6,1-инчен OLED Super Retina XDR дисплеј, со висок контраст и 460 ppi. Максималното осветлување од 1200 нита се постигнува во HDR, а поддржани се Dolby Vision, HLG и HDR 10. Резолуцијата на екранот изнесува 2530 x 1170 пиксели.

Новиот iPhone 12 го покренува и нов чипсет – A14 Bionic. Се работи за прв мобилен чипсет креиран во 5nm процес, а составен е од шест процесорски јадра и четири GPU јадра. Во него има 11,8 милијарди транзистори и neural engine со 16 јадра, што може да извршува 11 билиони операции во секунда.

На полето на камерите, присутни се два сензора на задната страна: 12MP ултраширок (f/2.4, 120°) и 12MP широк (f/1.6, OIS). Камерите имаат нови функции, поддршка за Smart HDR, а користат ML за препознавање на сцени и други елементи. Подобрен е и Night Mode, што е додаден и во предната камера.

Вториот модел што спаѓа во стандардната iPhone 12 линија е помалиот iPhone 12 mini. Смартфонот има 5,4-инчен дисплеј, пристигнува со сите функции на поголемиот модел.

Двата iPhone 12 модела имаат поддршка за 4K 60fps снимање на видео и IP68 отпорност на вода и прашина.

Apple ќе го нуди iPhone 12 mini по почетна цена од 699 долари, додека iPhone 12 ќе има стартна цена од 800 долари и ќе биде достапен од 23. октомври во верзии од 64GB, 128GB и 256GB.