Discord воведе нов систем за проценка на возраста на корисниците, кој автоматски ќе ги категоризира сметките како сметки за возрасни или за тинејџери.
Проценката ќе се заснова на податоци како што се староста на сметката, серверите на кои припаѓа корисникот и обрасците на користење на платформата. Компанијата нагласува дека нема да ја анализира содржината на пораките или повиците за оваа проценка, а категоријата на возраст нема јавно да се прикажува на профилот на корисникот.
Се очекува дека околу 90 проценти од корисниците ќе бидат автоматски категоризирани без потреба од дополнителна потврда. На оние чија возраст не може да се потврди ќе им биде доделен статус „Unconfirmed“ и ќе мора да потврдат дека се постари од 18 години доколку сакаат пристап до содржини наменети за возрасни.
Методите за потврдување на возраста ќе се разликуваат во зависност од регионот и може да вклучуваат услуги за плаќање, скенирање лични документи, видео-селфиња и други услуги за проверка на возраста.
Од Discord наведуваат дека од надворешните партнери ќе се бара трајно да ги бришат податоците на корисниците откако ќе заврши проверката, додека анализата на лицето за проценка на возраста ќе се врши директно на уредот на корисникот.
За сметките на тинејџерите ќе важат и дополнителни ограничувања. Пораките од лица кои не се на листата на пријатели ќе се преместуваат во делот за барања за пораки, пристапот до содржини за возрасни ќе биде ограничен, а одредени детали од профилот и информации за активноста ќе бидат видливи само за пријателите и за членовите на помалите сервери.
Корисниците ќе можат да го проверат својот статус во делот Account Status во поставките на својата сметка.





