Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска ја одржа својата редовна конференција за вакцини и лекови против Ковид-19.
На конференцијата беше речено дека сите четири вакцини одобрени од Европската Унија (на „Фајзер“, „Модерна“, „Астра зенека“ и на „Џонсон и Џонсон“) штитат од новите соеви што во моментот циркулираат и дека тие особено штитат од потешки форми на заболување и хоспитализација.
Агенцијата соопшти дека континуирано ги следи мутациите на коронавирусот и нивното влијание врз ефикасноста на вакцините. Од таму предупредуваат дека со оглед на брзото ширење на делта-сојот од исклучително значење е да се вакцинираат што поголем број луѓе.
Прелиминарните податоци укажуваат на тоа дека треба да се примат и двете дози од вакцината со цел да се постигне соодветна заштита од делта-сојот.
Од ЕМА изјавија дека здравствените работници и вакцинираните со вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ треба да бидат свесни дека постои можност за развој на симптоми на миокардитис и перикардитис. Според достапните податоци, овие симптоми се обично лесни и по одмор и третман има подобрување на здравјето.
„Фактот дека некој имал здравствени проблеми или починал по вакцинирањето, не мора да значи дека причина за смртта била вакцината“, велат од Агенцијата. Според нив, истите симптоми може да бидат предизвикани од други здравствени проблеми што не се поврзани со вакцинирањето.
ЕМА и земјите членки на Европската Унија континуирано ги следат извештаите за несакани реакции по вакцинацијата за да откријат нови безбедносни проблеми.
На конференцијата беше речено дека се потребни ефективни методи за лекување заболени од Ковид-19.