Американската федерална комисија за трговија и речиси сите сојузни држави ја тужат компанијата Facebook за наводно прекршување на законите што спречуваат создавање монополи.

Главниот дел од тужбата се однесува на купување на Instagram за една милијарда долари во 2012 година и WhatsApp за 19 милијарди во 2014 година.

Од Федералната комисија за трговија соопштија дека ќе побараат одлука со која, меѓу другото, ќе се бара од Facebook да се откаже од своите аквизиции, вклучувајќи ги и гореспоменатите Instagram и WhatsApp.

Коалицијата на сојузни американски држави исто така бара поседувањето на други социјални мрежи од страна на Facebook да се прогласи за нелегално.

„Речиси цела деценија, Facebook ја користи својата доминација и монопол на пазарот за да уништи послаби ривали и да ја задуши конкуренцијата, сето тоа на штета на редовните корисници“, изјави државната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс.

Таа истакнала дека компанијата користи огромни суми пари за да ги преземе ривалите пред тие да ја загрозат доминацијата на Facebook.

„Ниту една компанија не треба да има толку многу неконтролирана моќ над нашите приватни информации и нашите социјални интеракции. Поради тоа поднесуваме тужба во корист на милиони корисници и милиони сопственици на помали компании кои се погодени од однесувањето на Facebook“, вели Џејмс.