Американското Министерство за труд соопшти дека компанијата Google прифатила да плати 3,8 милиони долари по обвинението за дискриминација кон азиските жени.

Најголем дел од сумата ќе биде наменета за исплата на отштета на 2.565 жени вработени во Google на позицијата инженер, како и за 3.000 кандидатки или кандидати од азиско потекло кои не биле избрани на тие функции, соопшти синоќа Министерството.

Googlr наведува дека дискриминацијата е забележана за време на рутинска интерна анализа и компанијата прифатила да ја исплати оваа сума со цел да ја поправи ситуацијата, истовремено демантирајќи дека го прекршила законот.

„Сметаме дека секој треба да биде платен според работата која ја извршува, а не според тоа кој е. Инвестираме големи средства за да овозможиме процесот на вработување и компензации да биде праведен“, истакна портпаролката на Google.

Таа изјави дека компанијата сега ги анализира податоците за плати и бара неправилности, изразувајќи незадоволство бидејќи се решаваат проблеми за наводна дискриминација.

Според Министерството за труд, во една анализа се откриени разлики во заработувачките на вработените во центрите на Google во Силиконската Долина и во американската сојузна држава Вашингтон, во северозападниот дел на САД.

Претставничка на Министерството за труд нагласи дека дискриминацијата во платите претставува системски проблем.

Министерството, исто така, откри разлики во стапката на вработување на позицијата инженер за информатика, кои биле неповолни за женските и азиските кандидати.

Во рамки на прифатениот договор, Google ќе ги преиспита правилата, процедурите и праксата за вработување и плаќања компензации, нагласи американското Министерство.