Како што беше најавено, Motorola Edge S телефонот е официјално претставен и пуштен во продажба во Кина. Ова е првиот смартфон што го користи новиот чипсет Qualcomm Snapdragon 870. Чипот е креиран во 7nm процес, и има осмојадрен процесор со едно Cortex-A78 јадро @ 3.2GHz, што е најмногу кај телефоните.

Motorola Edge S, секако, има вградена 5G поддршка, а телефонот е можно да се конфигурира со 6GB или 8GB RAM и 128GB или 256GB (8/256 GB) UFS 3.1 простор за складирање.

Екранот на телефонот е 6,7-инчен IPS LCD, со резолуција од 2520 x 1080p, 90Hz брзина на освежување и HDR10 поддршка. Во дисплејот се наоѓаат две селфи камери: 16MP главна и 8MP ултраширока. Сензорот за отпечатоци се наоѓа од страна на рамката.

На задната страна се сместени вкупно четири сензори. Има главна камера од 64MP со f/1,7 отвор на бленда, со поддршка за снимање 6K видео @30fps; 16MP ултраширока камера со фазна детекција на автофокус, 2MP сензор за длабочина и ToF сензор.

Телефонот го напојува 5000mAh батерија, со поддршка за 20W полнење (во пакувањето се наоѓа адаптер од 20W). Edge S е IP52 сертификат за отпорност на прскање со вода, а поседува и 3,5 мм приклучок.

Motorola Edge S е достапен во Кина, а испораката почнува од 3 февруари. Emerald Light е единствената достапна варијанта на боја, а цените се движат од околу 250 евра за 6GB/128G до околу 350 евра за 8/256 GB варијантата.