Новиот модел на ThinkPad го покренува Snapdragon 8cx Gen 3 чипсетот на Qualcomm, а наменет е за оние кои се често на пат и потребен им е компјутер со издржлива батерија.

На Светскиот мобилен конгрес во Барселона, Lenovo, меѓу бројните новитети, претстави и лаптоп со батерија која ќе може да издржи повеќе од еден работен ден. Lenovo ThinkPad X13s би требало да може да се користи до 28 часа без приклучување во струја, што е навистина фантастична автономија, иако е јасно дека тоа зависи и од начинот како го користите самиот компјутер.

Освен издржливата батерија, овој компјутер е специфичен и според процесорот што го користи, а станува збор за Snapdragon 8cx Gen 3 чипсетот на Qualcomm, што е првпат овој процесор да се вградува во лаптопи. Станува збор за најновата генерација на овој чипсет, која во споредба со претходникот овозможува до 80 отсто побрзи перформанси на процесорот и 60 проценти подобри графички перформанси.

Лаптопот има екран од 13,3 инчи со сооднос 16:10, камера од 5 MP, два Dolby звучници и до 32GB меморија и до 1TB SSD, а секако треба да се напомене и поддршката за 5G. Уредот нема вентилатор, така што тишината за време на работата е загарантирана. Што се однесува до дизајнот, станува збор за класичен и познат изглед на кој сме навикнати од ThinkPad моделите со TrackPoint топката во средината на тастатурата.

Lenovo ThinkPad X13s ќе се испорачува со Windows 11 Pro, а почетокот на продажбата е закажан за мај оваа година. Почетната цена на компјутерот изнесува 1.099 долари.