OnePlus објави соопштение, во кое обелодени некои официјални информации. Компанијата истакна дека OnePlus 9 серијата ќе биде официјализирана на 23. март, а најавени се и некои карактеристики на претстојните телефони.

Најзначајната објава е партнерството со компанијата Hasselblad, кое ќе трае во следните три години. Во овој период, OnePlus ќе инвестира 150 милиони долари за подобрување на можностите за фотографирање на своите уреди.

Главната цел е креирање на подобри камери за смартфоните, а според најавата, прво нешто што ќе го видиме се софтверски подобрувања за прилагодување на боите и калибрација на сензорот. OnePlus посочува и дека двете компании ќе бидат посветени на корисниците да им испорачаат непосредни подобрувања. Ова дополнително сугерира дека можеме да очекуваме подобри функции за идните и постоечките камери на OnePlus телефоните.

Едно од новите решенија ќе биде Natural Color Calibration, што го донесува Hasselblad, а ова пристигнува на идните OnePlus телефони, веројатно од OnePlus 9 серијата. Тука е и новиот Hasselblad Pro режим , кој овозможува прилагодување за ISO, фокус, експозиција и другите елементи во новиот кориснички интерфејс.

Серијата OnePlus 9 добива сопствен сензор Sony IMX789, а од компанијата истакнуваат дека 12-битниот RAW ќе понуди 64 пати повеќе бои отколку порано. Hasselblad Camera for Mobile ќе има поддршка за HDR снимање видео, од 4K 120fps и 8K 30fps.