Одделот за напредни технологии на Red Bull објави дека ќе дизајнира, развива и произведува целосно нов хиперавтомобил кој ќе понуди врвно искуство во возењето на патеката.

Новиот хиперавтомобил ќе се вика RB17, откако Red Bull Racing „мистериозно“ ја прескокна ознаката од 2021 RB16 на RB18 за оваа година. Дизајнот го потпишува Адријан Њуи, човекот кој стои зад многу феноменални Формула 1 болиди, а тој е и креатор на импресивниот модел Valkyrie на Aston Martin.

Њуи сега го насочува своето внимание кон RB17, кој најверојатно нема да биде легален на патиштата, па регулативите нема да ја ограничат желбата за перформанси.

„RB17 ќе го сумира сето она што го знаеме за создавање на шампионски болиди во Формула 1 во еден пакет што ќе испорача екстремни нивоа на перформанси во двосед посветен на патеката“, рече Њуи.

Засега е објавена само скица, но познато е дека RB17 ќе биде придвижуван од хибридизиран V8 мотор кој ќе развива повеќе од 1.100 КС. Само 50 примероци ќе бидат произведени во домот на Red Bull во Милтон Кејнс, а производството ќе започне во 2025 година.

Цената на автомобилот ќе биде 5 милиони фунти без данок, па купувачите ќе треба да имаат најмалку 6 милиони фунти на сметката за да се најдат на листата на чекање. Таа цена вклучува и пристап до Ф1 симулаторот на Red Bull, како и тренинзи на патеката.