Xiaomi потврди дека Redmi Note 11 серијата телефони ќе биде претставена на 28. октомври. Врз основа на извештаите, се очекуваат најмалку три модели, вклучувајќи ги стандардните Redmi Note 11, Note 11 Pro и најмоќниот Redmi Note 11 Pro+.

Пред презентацијата, Xiaomi објави неколку тизери, кои го потврдуваат постоењето на AMOLED дисплејот на Redmi Note 11 серијата. Сепак, најверојатно ќе видиме AMOLED дисплеи само на моделите Redmi Note 11 Pro и Note 11 Pro+, бидејќи неодамна беше откриено дека стандардниот Redmi Note 11 ќе користи LCD екран.

Кога станува збор за спецификациите, AMOLED дисплејот ќе има поддршка за освежување од 120Hz, 360Hz touch sampling, DCI-P3 покриеност на бои и функцијата за намалување на сината светлина.

Од тизерот може да се види дека дисплејот ќе има punch-hole отвор центриран во горниот дел од екранот, каде што ќе биде сместена селфи камерата. Она што е забележливо е дека Redmi Note 11 серијата ќе имплементира дизајн со рамни рабови.

Се очекува дека Redmi Note 11, Note 11 Pro и Note 11 Pro+ ќе ги покренуваат осмојадрени MediaTek Dimensity 810, Dimensity 920 и Dimensity 1200 чипови. Исто така, батериите ќе користат брзини на полнење од 33W, 67W и 120W за споменатите модели.