Веб-прелистувачот Safari на компанијата Apple никогаш не беше толку популарен на десктоп платформата како Google Chrome, кој доминира во популарноста помеѓу корисниците ширум светот, но долго време цврсто ja држи втората позиција, пред се поради големата популарност на Mac компјутеритe. Сепак, новите податоци укажуваат дека Safari наскоро би можел да ја загуби оваа позиција.

Според податоците на StatCounter, Safari сè уште е на второто место во јануари 2022 година, но двајцата најблиски следбеници на листата се многу блиску.

Safari го користат 9,84 проценти од десктоп корисниците, а веднаш зад него е Microsoft Edge со 9,54 отсто пазарен удел. Firefox, кој во јануари 2021 имаше удел од само 8,1%, во изминатите месеци стекна нови корисници и достигна удел од 9,18 проценти помеѓу десктоп прелистувачите. Google Chrome и натаму е неприкосновен со 65,38%.

Само за споредба, 10,38% од десктоп корисниците пребарувале на интернет преку Safari во јануари 2021 година, што покажува дека прелистувачот на Apple ја губи популарноста во споредба со другите браузери. Доколку овој тренд продолжи, Safari би можел за неколку месеци да падне на третото или четвртото место.

Кога станува збор само за американскиот пазар, Safari со 18,12 проценти се уште има предност во однос на Microsoft Edge со 12,09%. Safari веќе го загуби второто место во Европа. Секако, треба да се земе во предвид дека Safari е достапен само за macOS (кога станува збор за десктоп), додека другите конкуренти се достапни и за Mac и за PC компјутерите.