Во текот на минатата година, производителите на паметни телефони во главно бележеа пораст на бројот на продажби на телефони, што беше и очекувано, бидејќи пазарот беше во процес на закрепнување од коронавирусот. Се чини дека и на тој процес му дојде крајот, а за него се подготвуваат големите технолошки гиганти, како Samsung…

Финансиските експерти ширум светот предвидуваат глобална рецесија, а пазарот на паметни телефони веќе почна да се подготвува за економски пад. Се чини дека Samsung прв го направи тоа, бидејќи оваа компанија наводно го намалила производството на паметни телефони и веќе бележи пад во продажбата на телефони.

Иако Samsung тврди дека очекува продажбата на паметни телефони да остане на исто ниво како во првата половина од оваа година, се чини дека на терен работите се одвиваат поинаку. Ројтерс пренесува ексклузивен извештај во кој се тврди дека Samsung го прекина производството на своите паметни телефони во фабриката „Тај Нгујен“. Оваа фабрика произведува околу 100 милиони паметни телефони секоја година.

Наводно, работниците на Samsung тврдат дека некои производни линии во фабриката работат само три дена во неделата во споредба со претходните шест дена. Од друга страна, некои погони наводно работат четири дена во неделата. Сепак, Ројтерс не знае дали Samsung преместува дел од своето производство надвор од Виетнам, што е малку веројатно.

Речиси сите фабрички работници во Виетнам, интервјуирани од Ројтерс, тврдат дека работата во фабриката не оди добро. Минатата година ова време производството на паметни телефони Galaxy во оваа фабрика беше на својот врв, но сега работите се поинакви. Некои работници дури изјавија дека никогаш не виделе толку ниска стапка на производство на паметни телефони. Може да има и отпуштања.