По една година одржување „на апарати“, Skype официјално ќе биде исклучен денеска.

Microsoft веќе некое време најавува затворање на некогаш исклучително популарната апликација за видео повици Skype. Од денеска, оваа апликација повеќе нема да биде достапна, а Microsoft им советуваше на корисниците да мигрираат на новото решение на компанијата.

„Почнувајќи од мај, Skype повеќе нема да биде достапен. Продолжете ги вашите повици и разговори преку Teams“, им соопшти Skype на корисниците претходно оваа година.

Skype беше првата платформа што им овозможи на корисниците пристап до бесплатни аудио и видео повици од компјутер до компјутер низ целиот свет од 2003 година и ги донесе фиксните и мобилните повици на интернет.

Microsoft вели дека неговата цел е да ја поедностави понудата за корисниците и да се фокусира на сопствената моќна бизнис платформа, Teams. Токму кон Teams ќе бидат пренасочени милионите преостанати корисници кои останаа лојални на Skype, а тоа ќе се случи во наредните денови и недели.