Претплатничката верзија на Snapchat моментално е достапна само на одредени пазари, а во наредниот период ќе се прошири во повеќе земји.

Компанијата Snap претходно објави дека работи на платена верзија на услугата Snapchat. Сега се познати официјалните детали, а тука е вклучена и цената на услугата.

Snapchat+, како што се нарекува услугата за претплата, ќе чини 3,99 долари месечно. По таа цена, корисниците ќе можат да пристапат до некои ексклузивни функции, додека основната и бесплатната верзија ќе остане непроменета за корисниците.

Snap не ја објави целосната листа на функции кои се вклучени во претплатата на Snapchat+. Сепак, веќе е познато дека услугата ќе им овозможи на претплатниците да ги закачат или означат своите пријатели како #1 BFF.

Претплатниците исто така ќе можат да видат кој повторно ги прегледал нивните приказни. Дополнително, ако BFF пријател сподели локација, корисниците ќе може да ја гледаат во текот на 24 часа. Оние кои плаќаат за услугата можат да ги пинуваат и разговорите, за да им се обезбеди приоритет за нив.

На полето на козметичките промени, Snapchat+ наскоро може да овозможи беџови, кои ќе се најдат веднаш до имињата на претплатниците. Значките треба да потврдат дека корисникот е премиум претплатник. Исто така, претплатниците ќе можат да избираат ексклузивни приспособливи икони за апликацијата Snapchat.

Snapchat+ е првиот обид на компанијата да ја монетизира својата услуга директно преку претплатниците. Досега, Snapchat се потпираше само на приходите од рекламирање и промоција.