Компанијата Sony со тизер ги најави своите дронови базирани на 3R технологија.
Sony произведува некои од најдобрите камери на пазарот, но сега откри планови овие камери „да ги испрати во небото“, така што ќе ги вгради во своите дронови.
Јапонската компанија потврди дека влегува на пазарот на дронови со стартување на нов деловен оддел под името Airpeak, кој официјално ќе почне со работа во првата половина на 2021. година.
Airpeak ќе ја „поддржи креативноста на видеокреаторите во наголема можна мерка“, а со тоа ќе им претставува ривал на компаниите DJI и Parrot.
Деталите за брендот Airpeak и неговите производи засега се тајна, но познато е дека дроновите ќе бидат базирани на 3R технологијата, што е скратеница за „reality, real-time и remote”.
За очекување е дроновите на Sony да имаат моќни камери, но ќе биде потребно многу труд да се надминат дроновите што ги произведува DJI.
Sony веќе го има одделот Aerosense, кој е специјализиран за дронови наменети за истражување, мапирање и снимање на настани во живо.