Tesla „Full Self-Driving“ опцијата, што го активира Автопилотот за менување ленти на автопат, или за автоматско паркирање, сега чини 10.000 долари, односно 2.000 долари повеќе отколку што беше претходно. Цената се однесува на американскиот пазар, каде што „Full Self-Driving“ функционалноста е пуштена во лимитирана бета верзија, каде што Автопилот може да се користи и на локалните патишта.
Елон Маск во својот твит од минатата недела го најави ова зголемување на цените, а наведе и дека цената ќе биде подигната и на другите пазари, кога таму ќе се отвори бета тестирањето. Без оглед на името, „Full Self-Driving“ опцијата бара константен мониторинг од патниците во автомобилот и држење на рацете на воланот во текот на целото возење.
Инаку, во текот на последните неколку години, од кога е прв пат претставена, цената на оваа опција константно расте. Се почна со цена од 5.000 долари, по што во мај минатата година беше подигната на 6.000 долари, во ноември на 7.000 долари, за во јуни оваа година да достигне износ од 8.000 долари. Зголемувањето на цената Маск го оправдува со што, кога Tesla возилата ќе бидат целосно автономни, ќе можат да им заработуваат пари на своите сопственици во моментите кога автомобилот не им е потребен, како дел од флотата на роботизирани такси возила.