Кинеската платформа за споделување видеа TikTok им потврди на корисниците дека некои од нејзините вработени во Кина имаат пристап до податоците на профилите на корисниците од Британија и Европската унија.
TikTok изјави дека „политиката за приватност се заснова на потребата вработените да ја вршат својата работа“. Ова наиде на критики од властите ширум светот, особено во Британија и САД поради загриженоста дека податоците од корисниците може да се пренесат на кинеската влада. Претходно, американски официјален претставник побара апликацијата да биде забранета во САД.
TikTok рече дека политиката се однесува на „Европската економска област, Обединетото Кралство и Швајцарија“.
Шефот за приватност на TikTok во Европа, Елејн Фокс, рече дека глобалниот тим помогнал корисничкото искуство да биде „конзистентно, пријатно и безбедно“.
Иако TikTok моментално ги складира податоците на европските корисници во САД и Сингапур, платформата сепак „дозволува одредени вработени во корпоративната група лоцирана во Бразил, Канада, Кина, Израел, Јапонија, Малезија, Филипини, Сингапур, Јужна Кореја и САД, далечински пристап до европските кориснички податоци на TikTok. Нашите напори се фокусирани на ограничување на бројот на вработени кои имаат пристап до европските кориснички податоци, минимизирање на протокот на податоци надвор од регионот и локално складирање на европските кориснички податоци“, рече Фокс.
Таа, исто така, рече дека пристапот „е предмет на серија силни безбедносни контроли и протоколи и методи за одобрување признати според GDPR, или Општата регулатива за заштита на податоците.
Сепак, службеникот на Управата за заштита на податоците на САД, Брендан Кар, повика TikTok да биде забранет во САД.
Исто така, британскиот парламент го затвори својот профил на TikTok во август, откако пратениците изразија загриженост дека податоците се споделуваат со кинеската влада. Ставот е дека профилот треба да остане затворен додека TikTok не даде „веродостојни гаранции“ дека нема да може да му бидат предадени податоци на Пекинг. Апликацијата е под истрага и во Ирска поради два случаи поврзани со приватноста и личните податоци на децата, а се проверува дали платформата постапува во согласност со законите на ЕУ поврзани со пренос на лични податоци во други земји како Кина.
Во 2020 година, Комитетот за национална безбедност на САД му нареди на ByteDance да ги продаде своите операции во САД поради загриженоста дека податоците од корисниците би можеле да завршат во рацете на кинеската влада.
Во јуни оваа година, TikTok објави дека ги префрлил податоците на американските корисници на сервери управувани од американскиот софтверски гигант Oracle со седиште во Остин, Тексас.
Минатиот месец, TikTok ги негираше извештаите дека кинескиот тим во ByteDance планира да ја користи апликацијата за следење на локациите на американските граѓани. TikTok рече дека „целите“ никогаш не биле американската влада, активисти, јавни личности или новинари.
Во средата, минатата недела Фокс рече дека апликацијата не собира прецизни податоци за локациите на корисниците во Европа.
TikTok е најбрзо растечката апликација за социјални медиуми во светот и е преземена скоро 4 милијарди пати. Тој генерира повеќе од 6,2 милијарди долари бруто приход од трошење во апликации од неговото лансирање во 2017 година.