Одделот Group Components на групацијата Volkswagen ја отвори својата прва фабрика која се занимава исклучиво со рециклирање на автомобилски батерии.

Фабриката се наоѓа во германскиот град Салзгитер и започна со пилот проект за рециклирање. Целта на проектот е да се земат стари литиум-јонски батерии кои се користат во автомобилите и од нива да се извлечат корисни суровини како што се литиум, никел, манган и кобалт, а да се одбвојат алуминиум, бакар и пластика. На овој начин, во идеално сценарио, може да се рециклираат до 90% од сите компоненти на батеријата.

Во овој погон ќе се рециклираат само автомобилски батерии кои повеќе не можат да се користат за друга намена. Имено, за време на овој вид еколошка грижа, ќе се спроведува анализа која треба да покаже дали употребената батерија е сè уште способна да обезбеди доволно напон за свој „втор живот“ во системите за долгорочно складирање на енергија, станиците за полнење на мобилни возила и слично. Доколку анализата покаже дека батеријата повеќе не е соодветна за тоа, таа ќе биде испратена на рециклирање до Салцгитер.

Засега, како дел од пилот-проектот, можно е да се рециклираат до 3.600 батерии од електрични автомобили годишно. Со оглед на тоа дека е-возилата се повеќе ќе бидат застапени, така и погонот за рециклирање е дизајниран за да може да се зголеми неговиот капацитет.

Она што е важно за овој процес е дека тој е во согласност со еколошките цели на групацијата Volkswagen. VW планира темелно да ги испразни батериите во процесот на рециклирање и да ги расклопи во нивните составни делови. Потоа се мелат во гранули и се сушат, што резултира со таканаречен „црн прав“ – составен од литиум, никел, манган, кобалт и графит. Овие елементи се одвојуваат од прашокот со хемиски хидрометалуршки процеси, растворање во вода и хемикалии, нешто што ќе го спроведуваат неколку партнери за Volkswagen.

На крајот, од вредните материјали од старите батерии ќе се добиваат суровини за производство на нови катоди. VW смета дека со користење на рециклирани материјали и обновливи извори на енергија при изградба на нова просечна батерија за автомобил, со капацитет од 62 kWh, ќе се направи заштеда од 1,3 тони СО2 кој нема да заврши во атмосферата.

Извор: Додај Гас