WhatsApp за три месеци ги одложува промените на условите за користење

пред 3 години

WhatsApp објави дека за три месеци ги одложува промените на условите за користење, откако корисниците изразија страв дека услугата за пораки ќе ги сподели нивните доверливи информации со Facebook.

„Го одложуваме датумот на кој корисниците ќе мораат да ги прочитаат и прифатат условите“, објави компанијата на блогот. Промените требаше да стапат на сила на 8. февруари, а сега компанијата објави дека тоа нема да се случи пред 15 мај.

WhatsApp истакна дека ажурирањето нема да го „засили нашиот капацитет за споделување податоци со Facebook“, туку првенствено има за цел да им помогне на компаниите да комуницираат подобро со клиентите преку целата платформа.

„Знаеме дека дојде до конфузија и дезинформации во врска со ова ажурирање и сакаме да им помогнеме на сите да ги разберат нашите принципи и факти. Разговорите на WhatsApp ќе и натаму ќе бидат шифрирани, и ниту Facebook ниту WhatsApp нема да имаат можност да ги гледаат овие приватни пораки“, тврдат од компанијата.

Минатонеделната најава за ажурирањето на условите за употреба создаде паника и предизвика бес кај голем број корисници, кои истакнаа дека станува збор за напуштање на основните вредности на WhatsApp. Апликацијата долги години ја градеше репутацијата за заштита на податоците.

Платформата се обиде да го изгасне пожарот со соопштенија и кампањи, но конкурентските услуги како Signal и Telegram профитираа од конфузијата и во многу земји значително се зголеми нивното преземање од Apple AppStore и Google Play.

 

 

 

Share
Scroll to Top