Најзаслужни за глобалното прифаќање на хаштаговите се Twitter и Instagram и тие денес станаа постојан начин за навигација низ различните платформи. Сепак, YouTube не се потпре многу на нив, барем не досега. Годинава, Google го заврши ажурирањето на платформата што овозможува организирање видеа засновани на хаштагови.

Видеата може да се сортираат според хаштагови што корисниците ги оставаат кога ги поставуваат. Друг начин за пристап до видеата директно е да пребарувате преку URL – www.youtube.com/hashtag/HASHTAG NAME (без „тараба“). Засега, не е јасно кој алгоритам се користи за сортирање на снимките прикажани на овој начин, бидејќи очигледно е дека не се работи за опаѓачки или растечки број на прегледи на видеата, ниту за датумите на нивното објавување.

На пример, сортирањето на Instagram според хаштагови најчесто се извршува според најпопуларните нови фотографии и видеа. Кај YouTube, се чини дека во прашање е некој микс на постари и понови содржини без оглед на бројот на прегледи, а во некои случаи забележавме дека на листата доминираат снимки од поединечни канали. На ова веројатно ќе се работи во иднина, за да им се покажат најрелевантните резултати на корисниците.

Новото ажурирање донесе и промена во начинот на кој YouTube се справува со хаштаговите. Претходно, кога ќе се кликнеше на хаштаг, YouTube ги прикажуваше само сродните видеа. Сега се истакнуваат само содржините што авторите ги обележиле експлицитно. Ова дава поинаков преглед на резултатите од класичното пребарување, па можат да се добијат нови содржини, кои традиционалното пребарување можеби би ги „прескокнало“.