Компанијата Ghost Robotics, специјализирана за воени роботи, произведе робот на кој постави снајперска пушка.

„Ние ги одржуваме САД и нашите сојузнички специјални сили опремени со најновите иновации“, објави Ghost Robotics во твит со фотографија од робот со четири нозе, опремен со снајперска пушка.

Самата пушка SPUR е произведена од Sword InternationaI, компанија која произведува оружје и ја опишува како „автоматски контролирана пушка за специјални намени“.

„SPUR е дизајниран да нуди прецизен оган од автоматизирани платформи како робот Vision-60 произведен од Ghost Robotics. Благодарение на своите напредни сензори, SPUR може да работи во различни временски услови, и дење и ноќе”, се вели на веб-страницата на Sword International.

Не е познато какво ниво на автономија има роботот со четири нозе Ghost Robotics, како и дали е наменет да го контролира човек, пишува порталот Futurism. Она што е познато е дека пушката користи куршум од 6,5 милиметри, кој е развиен за истрели од далечина.

Експертите згрозени

Новинарите на порталот Futurism разговараа со експертите за вештачка интелигенција, кои се згрозени од силно вооружениот робот.

„Ова ја преминува моралната, правната и техничката граница и нѐ води во правец на мрачен и опасен свет“, рече Тоби Волш, професор по вештачка интелигенција на Универзитетот во Сиднеј.

„Таквото оружје ќе го користат терористите и државите што го загрозуваат меѓународниот мир“, додаде Волш.

Професорот Волш додава дека, иако не е познато колку е автономен роботот со четири нозе, светските армии веќе ја замаглуваат границата на разграничување помеѓу смртоносните беспилотни летала и оние со автономни способности за гаѓање.

„Ова ќе ги замолчи оние што тврдат дека сме сѐ уште далеку од таквите технологии“, рече професорот Волш.

Тој потсети на минатогодишниот инцидент кога ирански научник беше убиен од израелски роботски снајперист кој користи вештачка интелигенција.

„Само се надевам дека овој развој на настаните ќе ги забрза разговорите што се водат во ОН за регулирање на таквите технологии и ќе ги замолчи оние што тврдат дека сме сѐ уште далеку од таквите технологии. Не сме“, рече Волш коментирајќи го роботот.

Стјуарт Расел, компјутерски научник од Универзитетот во Беркли, кој опширно пишува за смртоносни автономни системи, рече дека на социјалните мрежи забележал претежно негативни реакции на вооружениот робот со четири нозе.

„Тоа е затоа што нормалните луѓе разбираат дека е лоша идеја да дозволите роботите сами да одлучуваат за убивањето луѓе. Како што напиша некој, филмот Terminator беше предупредување, а не упатство“, рече Расел.