Примероци од прашина од црн песок собрани од јапонската вселенска сонда „Хајабуса 2“ на астероидот 162173 Ryugu на околу 300 милиони километри од Земјата, ги надмина очекувањата на јапонските научници, кои, како што рече еден од нив, останале без зборови откако ја отвориле капсулата во понеделникот.
Собраните примероци на почва од астероидот се кулминација на шестгодишната вселенска одисеја на вселенското летало „Хајабуса 2“, кое пристигна во Јапонија минатата недела, но истражувачите сè уште не можеа со сигурност да потврдат дали има нешто во капсулата до почетокот на оваа недела.
„Нашата цел беше да собереме 100 мг или повеќе примероци од почвата од астероидот и бевме многу успешни во тоа“, рече Хиротака Савада од Јапонската вселенска агенција (JAXA). Тој додаде дека првпат гледајќи примероци од прашина, тој едноставно занемел од возбуда.
„Мислам дека на почетокот останав без зборови, а потоа почнав да врескам, всушност веќе не се ни сеќавам“, рече тој на прес-конференција. Беше навистина поразлично отколку што се очекуваше, всушност количината беше доста голема.
JAXA објави и фотографија на мала количина црна прашина во метална кутија, што е доказ и прв увид во резултатите од шестгодишна вселенска мисија.
Скапоцената прашина е пронајдена во надворешната обвивка на капсулата, соопштија агенциите, а поголемите примероци треба да се забележат веднаш штом ќе ја отворат внатрешноста на резервоарот, што е деликатна работа.
Научниците веруваат дека примероците може да содржат органска материја која може да придонесе за развој на животот на Земјата. Тие се надеваат дека примероците на почвата од астероидите ќе им дадат подобар увид во хемискиот состав на вселенските тела како што биле пред околу 4,5 милијарди години, додека Сончевиот систем бил сè уште во создавање.
„Апсолутно сме воодушевени. Има толку многу што можеме да дознаеме и научиме од овие примероци“, истакна Сеи-ичиро Ватанабе, професор на Универзитетот Нагоја и шеф на истражувачкиот тим.