Астрономите решија уште една мистерија во Сончевиот систем. Се работи за необичното хемиско соединение забележано на површината на месечината на Сатурн, Реа.

Мистеријата на месечината на Сатурн, Реа можеби е конечно решена. Кога леталото на NASA, Cassini прелета покрај втората по големина месечина на планетата пред крајот на својата мисија во 2017 година, забележа едно мистериозно соединение. Се испостави дека тоа соединение може да биде хидразин, што често се користи во ракетните горива.

Додека Cassini леташе покрај природните сателити на Сатурн, го испитуваше отсјајот на сончевата светлина на нивните површини за да одреди од што се состојат површините. На Реа, како и на неколку други сателити на Сатурн, нешто на површината впиваше дел од таа светлина во ултравиолетовиот спектар.

„Забележавме опаѓање во светлосниот спектар и се прашувавме што би можело тоа да биде, но претпоставивме дека би можел да биде некаков облик на воден мраз“, вели Аманда Хендрикс од Институтот за планетарни науки во Калифорнија. „Долго ја решававме таа загатка“, додаде таа.

Хендрикс со своите колеги го набљудувале одразот на сончевата светлина во неколку споединенија во лабораториските експерименти и откриле дека одразот од двете соединенија одговара на она што го воочило леталото Cassini на површината на Реа. Тие соединенија биле хидразин и клорин.

Сепак, на научниците им било тешко да ја пронајдат причината поради која клоринот би можел да се најде на површината на месечината на Сатурн.

Од друга страна, хидразинот може да се добие во реакциите помеѓу хемикалиите што постојат на таа ледена месечина. Можел да се најде таму, лебдејќи од густата атмосфера на соседната месечина Титан. Иако самото летало Cassini користело хидразин во своето ракетно гориво, неговите потисници никогаш не биле запалени во близина на Реа, па поради тоа астрономите се уверени дека изворот на хидразин на површината на таа месечина не е самото летало.

„Тоа е можното објаснување за Реа, но се уште мораме да откриеме зошто тоа се случува и на другите сателити. Ова е трага кон некои процеси што се случуваат на нивото на целиот систем на Сатурн, а можеби и на друго место“, заклучува Хендрикс.

Извор: Zimo.hr