Еден кварт во Квинс, Њујорк, е во состојба на зголемена тревога откако во градината на жител на истото соседство е пронајден уред за кој се верува дека ја снима околината.
Телефонот со Android бил покриен со црна лента, само со изложена камера, и се верува дека го користат потенцијални крадци кои чекаат можност да дејствуваат.
Жителката на Квинс, Мери Кехо, изјави дека го пронашла уредот пред својот дом кон крајот на мај. Таа се јавила во полиција, која го зела уредот и рекла дека станува збор за телефон поврзан со полнач закопан во нејзиниот двор.
„Зошто ние? Ми се мотаа многу мисли низ главата. Зошто го одбраа нашиот тревник? Потоа сфатив дека сме во средината на блокот“, рече Кехо.
Полицијата вели дека нелегалните уреди за надзор во соседството се скриени во тревниците и се користат за следење на навиките на соседите додека крадците чекаат можност да провалат во нивните домови, објави CBS News.
„Вклучете ги алармите, вклучете ги светлата и бидете внимателни. Ние сме мала заедница, се грижиме едни за други. Кога луѓето одат некаде, известете нè за да можеме да одиме по нивниот двор и да се осигураме дека сè е безбедно“, рече Кехо.
Кехо и нејзините соседи, исто така, ги повикуваат сопствениците на куќи да внимаваат на какви било непознати уреди во нивната област. Тие исто така имаат порака за оние кои би сакале да ги украдат.
„Не враќајте се во нашата населба или во која било друга населба затоа што сега ве набљудуваме, а сите други населби се свесни што се случува“, рече соседката Хелен Мекговерн.