Легендарното куче Снупи од цртаниот филм е осум години постаро од вселенската агенција НАСА, а сега ќе патува во вселената.
НАСА е основана во 1958 година, осум години откако се појави Снупи. Соработката помеѓу креаторите на Снупи и вселенската агенција започна десет години по нејзиното основање, а продолжува и денес.
Пред 50 години Снупи беше заштитно лице на безбедносната кампања на НАСА Аполо, а денес астронаутите ја доделуваат наградата Silver Snoopy на другите вработени во НАСА како знак за успешна и безбедна мисија.
Меѓутоа, сега Снупи се подготвува за мисијата Artemis 1, која вклучува лет околу Месечината. Играчката, направена од кадифе и картон, ќе биде придружена од маскотата на Европската вселенска агенција, Shaun the Sheep.
Ова не е прв пат Снупи да оди во вселената како „индикатор за нулта гравитација“, термин кој се користи за играчки што се користат во вселената за да се илустрира фактот дека астронаутите и товарот доживуваат бестежинска состојба. Во 1990 година, Снупи патувал со вселенскиот шатл Колумбија за време на мисијата STS-32 заедно со пет човечки членови на екипажот.
Во случајот со мисијата Artemis 1, Снупи ќе патува подалеку од претходно. Лансирањето се очекува следниот месец, откако третиот обид беше одложен поради ураганот Иан.
Ракетата SLS на НАСА ќе ја носи капсулата Орион заедно со Снупи и овцата Шон во вселената за патување до Месечината и назад. Нема да има човечки екипаж за време на мисијата Artemis 1, но камерите поставени во капсулата ќе им овозможат на инженерите за летови да ги видат Снупи и Шон како лебдат.
Да речеме и дека оделото на Снупи е направено како вистинското што вообичаено го користат астронаутите.
Мисијата Artemis I е само првиот чекор кон враќање на луѓето на Месечината. Во втората мисија, човечкиот екипаж ќе тргне на патување околу Месечината, а во текот на третата ќе стапне на површината на Месечината, што се очекува во 2025 или 2026 година.