Мажите почесто се позитивни на Ковид-19, почесто развиваат компликации и имаат поголеми шанси да умрат од новиот коронавирус во однос на жените, без оглед на нивната возраст, покажа новото научно истражување објавено во научното списание PLOS one..
Досега, помали кинески и европски студии покажаа дека мажите имаат поголем ризик од потешка форма на болест од Ковид-19 болест во споредба со жените, но досега немаше сеопфатна анализа за поврзаноста помеѓу Ковид-19 и полот во големи и разновидни групи.
Во новата студија што ја спроведоа американските научници, користени се податоци на голем број пружатели на здравствени услуги во Хјустон, во американската држава Тексасм за да се утврди врската помеѓу полот и епидемиологијата на Ковид-19.
Податоците за тестирање на Ковид-19, морталитетот и демографијата се извлечени од електронската медицинска евиденција на 96.496 возрасни лица кои биле тестирани во периодот од 6. март до 22, август, 2020 година.
Од наведената вкупна бројка, 15,5 проценти од тестираните биле позитивни на коронавирусот. По прилагодувањето за социографските фактори и коморбидитети, се покажа дека мажите имаат поголема веројатност да имаат позитивен тест на тестирање за САРС-CoV-2 вирусот , со прилагоден однос на изгледи (аОР) од 1,39.
Студијата покажа слични резултати и кај пациентите, на кои им била потребна интензивна нега во болница. Околу 34,1 проценти од позитивните мажи завршиле на интензивна нега, за разлика од 27,6 проценти од жените.
Понатаму, 19 проценти од мажите завршиле на респиратор, додека кај жените тоа бил случај кај 14,7 проценти од нив.
Конечно, смртноста кај хоспитализирани мажи била 11,6 проценти, а кај жените 8,3 проценти.
Авторите на студијата заклучуваат дека постои јасна и силна поврзаност помеѓу машкиот пол и подложност на САРС-CoV-2 вирусот, компликации при развојот на Ковид-19, како и полошата клиничка слика и изгледите за закрепнување.
Тие додаваат дека разбирањето зошто болеста различно влијае на половите, значи и темелен чекор напред кон подобрениот третман на болести и стратегиите за интервенција кај мажите и жените.