Корисниците на Apple во Европската Унија би можеле да останат без голем број нови функции поради строгите регулативи што произлегуваат од Законот за дигитални пазари (DMA).

Кајл Андир, претседател на правниот оддел на компанијата, потврди дека некои претстојни функции на iOS 26 ќе бидат одложени или можеби дури и нема да пристигнат на европскиот пазар.

Дополнително, неофицијално се споменува дека корисниците во ЕУ би можеле да го изгубат AirDrop, алатка за брзо споделување содржина што им е достапна на европските корисници на iPhone уште од iOS 7 во 2013 година, објави The Wall Street Journal.

Apple тврди дека обврските наметнати од DMA ги принудуваат да споделуваат технологии со трети страни, кои ги сметаат за штетни за нивниот бизнис и безбедноста на корисниците.

Тие исто така предупредуваат дека некои барања за приватност се нереални и им одат во прилог на одредени компании, особено на европските.

Во Кина е различно
Од друга страна, во Кина, уште во 2018 година, Apple ги префрли сите кориснички податоци во дата центри управувани од државна компанија, што им овозможи на кинеските власти полесен пристап до тие информации.

Apple, исто така, отстрани илјадници апликации од кинеската App Store, вклучувајќи VPN услуги и медиумски платформи, и се согласува да цензурира содржина достапна на други места.

Се чини дека постои разлика во пристапот, што вклучува отворено критикување на европските регулатори за заштита на приватноста и конкуренцијата, додека во Кина сите барања се исполнети без спротивставување.

Токму поради ова, чести се критиките дека Apple не е доследен во промовирањето на своите принципи за приватност и слобода на избор за корисниците.