Најважните производи на Tesla оваа и следната година нема да бидат автомобилите, туку софтверот кој ги управува автономно и хуманоидниот робот од кој компанијата очекува да им ја олесни работата на луѓето во фабриката, изјави Илон Маск, извршен директор на американскиот производител на електрични возила.

„Би бил шокиран ако не постигнеме целосно автономно возење оваа година, кое е побезбедно од човечкото возење“, рече Маск, додавајќи дека целосно автономното возење ќе стане „најважниот извор на профитабилност за Tesla“, пренесува Ројтерс.

Тоа е незамисливо добро од финансиска гледна точка, вели Маск, наведувајќи како пример дека роботско такси (роботакси) би ја зголемило искористеноста на возилата за пет пати, бидејќи сопствениците би можеле да ги испраќаат своите автомобили да таксираат кога не им се потребни.

Смелите ветувања на најпознатиот милијардер во индустријата за електрични автомобили се исправени пред големи предизвици, од технологија до регулација, оценува британската агенција, истакнувајќи дека Tesla и другите компании од областа на автомобилските технологии не успеале да ги постигнат своите цели со софтверот за автономно возење.

Маск исто така рече дека неговите инженери работат на лансирање на хуманоиден робот следната година, наречен Optimus, кој на крајот би можел да го реши глобалниот недостиг на работна сила, додека во првата фаза би можел да пренесува стока низ фабриката.

„Мислам дека (роботот) има потенцијал да стане поважен со текот на времето од бизнисот со возила“, заклучи Маск.