Европската унија одлучи да изгради сопствен систем за набљудување на вселената, известување и предупредување во случај на опасност или сомнителни случувања во Земјината орбита, објави Deutsche Welle.

Изградба на сопствен систем, значи дека ЕУ, кога се во прашање опасностите од вселената, не сака да биде зависна од технологијата, арсеналот и расположението на САД.

Затоа, според информациите што ги објавија германските медиуми, Европската комисија се обратила до концернот Ariannegroup и до германската фирма за вселенска технологија OHB од Бремен. Секоја од нив ќе биде столб во работата на една од двете компоненти, односно на едно од двете „очи“ за набљудување на вселената.

Тоа ќе бидат „Сауроново око“ и „Одиново око“.

Саурон е познат како мрачен владетел од трилогијата „Господар на прстените“ чиј заштитен знак е око што гори. Фирмата Ariannegroup, која прави ракети и сателити, сега би требало да го изгради системот од сензори за напредно користење и набљудување на вселенските ситуации – Sensors of Advanced Usage and Reconnaissance of Outerspace situation или скратено Саурон.

Шефот на Ariannegroup за Германија, Пјер Годар за „Билд“ изјави дека на своите клиенти сака да им пружи „комплетна карта на вселената: што лета таму, каде, по која орбита и како се движат тие летечки објекти. При тоа е важно да се дознае дали тие летечки објекти се пријателски настроени или не. На пример, дали се работи за делови од вселенски отпад“ – појасни Годар.

„Одиновото око“ (Один е нордиски татко на боговите и бог на војните), ќе биде систем за рано идентификување на балистички тела и летечки објекти кои се движат со хиперзвучна брзина, како што се на пример нуклеарните ракети.

Се работи за систем од девет телескопи кои се наоѓаат на повеќе континенти вмрежени така што ќе можат да го „скенираат целото небо“, како што вели Пјер Годар.

„Вселената е критична инфраструктура и поради тоа сега е важно да се набљудува Земјината орбита, за да се избегне колизија, на пример. Тоа е еден вид на надзор на прометот во вселената заради заштита на европските сателити“ – вели Годар.

Тука не станува збор за борбени системи, туку повеќе за „информативни“ бидејќи „Сауруново“ и „Одиново“ око ќе даваат информации за навремена реакција и одбарна од можни балистички проектили.

Извор: B92.net