Начинот на војување целосно ќе се промени во иднина, па во согласност со тоа, мора да се променат воените објекти, начинот на воена обука, но и оружјето кое треба да се користи во потенцијални конфликти.
Иако спротивставените страни ќе продолжат да се борат на фронтот, со пешадија и тенкови, за конфликтите и војните ќе одлучува технологијата – луѓе кои ќе контролираат беспилотни летала и оружје ќе го управуваат од места оддалечени илјадници километри, а можеби и вештачка интелигенција, односно „роботи убијци“ .
Во согласност со ваквите очекувања, британската влада претстави нов план за реорганизација на армијата во следната деценија. Фокусот на тој план е намалување на воениот персонал, но и голем пораст на инвестициите во нови технологии, како подготовка за дигиталното војување во иднина.
Заканите кои веќе постојат, а кои ќе се зголемуваат со текот на годините, се сајбер напади, оружје засновано на вештачка интелигенција, како и „брза модернизација на кинеските и руските армии“.
За да се исполни целта за модернизирање на војската, владата го зголеми воениот буџет за околу 33 милијарди долари во следните четири години. Според министерот за одбрана на Велика Британија, Бен Волас, повеќето од овие средства ќе бидат потрошени на ново и модерно оружје и алатки кои се „прилагодени на модерната ера“, пренесува „Зимо“.
Многу работа која инаку би ја завршиле луѓето, ќе ја завршат роботите, рече Мајкл Кларк од Кралскиот колеџ во Лондон.
Тој исто така предупреди дека сè уште не е познато дали Британците (а истото важи и за сите армии во светот кои се свртуваат кон нова технологија) со намалување на бројот на војници ќе бидат подеднакво добри и во оваа нова форма на војување во која се користи технологијата.
Сепак, тој потенцираше дека тие едноставно немаат избор, затоа што ако за десет години продолжат да размислуваат за војните кои се водеа во 90-тите години и ако користат такво оружје и технологии, тие ќе бидат осудени на пропаст.
Извор: B92.net